сабота, 29 октомври 2011

Јади за да живееш а не живеј за да јадеш 2 - дел

Ветувањето пред изборите го остваруваме. Додека патувам по 4 пат ја слушам оваа реклама на едно провладино радио. Искрено да ви кажам ми се здосадии да слушам нечии лични промоции. Вчера ако се сеќавате ви зборував за оној нов свет, Слоу Фуд свет, денес ќе продолжам да ви ги раскажувам моите лични ставови и мислења околу храната. Денес ќе ви кажам како се напишав новиот јас ако се сеќавате на муабетот од вчера. Од како го напишав текстот за Слоу Фуд го прочитав уште неколку пати, многу официјален текст но се чуствував како да читам некоја лекција и да не можам да ја сватам па ја препрочитував. Верувам дека сите сме го доживелае следниов момент: Поминувате по улица и слушате некоја песна од нечив двор или од некоја кафетерија, и потоа цел ден си ја пеете во себе. Епа драги мои, истото тоа ми се случи мене со текстот за Слоу Фуд само што моево не траеше  1 ден, туку една недела од глава неможеше да ми излезе. И почнува мојата приказна: многу е тешко да се одвикнете од навикнатото, но се трудев, секој ден одев со еден чекор напред, еве ќе ви кажам кои беа моите чекори, 1-от чекор ми беше оној хамбургер купен од сендвичара, да издржам да не го изедам до дома а кога ќе стигнам дома во чинија да го распакувам. И така една недела нели ви реков чекор по чекор, следниот понеделник беше нешто ново нарачав хамбургер но без кечап и мајонез и повторно истата приказна Сендвичара > Дома > Чинија. Терам така јас 3 дена сега одам чекор погоре, Сендвичара > Лепче > Плескавица> Печурки > Салата > чинија. Променив нешто, го извадив помфритот но ги додадов печурките и салатата. Е сега на последниов чекор кога ќе се додадете вие како готвач ќе добиете еден добар, здрав и правичен оброк. Мислам дека треба да бидам искрен со вас и дека не треба да кријам, покрај тоа што Слоу Фуд филозофијата целосно ја имплементирав на самиот себе понекогаш имам желба за еден сендвич од  7-ца. Штом ја читате оваа реченица тоа значи дека ве интересира и сум ви го задржал вниманието, а мене тоа ме радува.Дали утре пак ќе се дружиме неможам да ви ветам, но можам да ви ветам дека ако ме нема, нема да го поништам ветеното, та нели ветувањата пред изборите (не) ги исполнуваме. Поздрав.


Статија на Александар Гочев - Генерален Секретар на Слоу Фуд - Водно 

четврток, 27 октомври 2011

Јади за да живееш а не живеј за да јадеш 1 - дел


Денес решив да се дружам малце со вас, ми се здосади она постојано зборување сам со себе или со луѓе блиски до мене и околу мене, сакам да споделам нешто и со вас, да чујам и ваше мислење. Јас не сум експерт или стручен во областа на храната, но сум стручен за самиот себе, нема да ве заморувам со оние факти за храната, проценти на јаглени хидрати или колку калории има во еден оброк, денес ќе зборувам од моја лична страна , моето размислување за храната како нешто што му е потребно на човечкиот организам.
Од мал бев заљубен во хамбургерите, моите основни оброци доручек, ручек и вечера беа хамбургер, чикенбургер и чизбургер. И постојано тоа секој ден. Многу од луѓето кои беа околу мене постојано се обидуваа да ме разубедат дека храната не чинела, не била здрава, премногу маснотии итн. Кога ќе почнеа да ми зборуваат не ги ни слушав а не па да применам некој од нивните совети. Морам да признаам дека потсвесно го знаев тоа, се приметував и самиот, додека сите рекреативно трчаа по кејот јас се изморував од одење пешки на релација југодрво – плоштад, жалосно но вистинито. Причината поради која ви пишувам денес е еден нов свет, свет кој што и јас неодамна го открив дознав за Слоу Фуд. Не дека е некоја филозофија за да дознаеш но не ме интересирало за да се заинтересирам. Благодарение на мои две многу драги личности кои денес се дел од моето секојдневие дознав за оваа организација. На прв поглед ми беше многу смешно мислев дека е некоја организација туку така да се собереме, зафркаваме и дружиме. Сакав да се вклучам во активностите на оваа организација и како почетник добив една задача да напишам еден текст што е Слоу Фуд (ме погодија, како да знаеа дека појма си немав од таа област). Сакал или не имав обврска да го напишам тексто,т истражувајќи на интернет за и околу Слоу Фуд почнав да се пишувам новиот јас, скроз имав заборавено на оној текст кој ми беше даден како задача. Во една минута од 60 секунди јас 59 пати се прашав што правам јас. Мислам дека мојата денешна состојба се должи на тоа што касно почнав да ги применувам слоу фуд правилата. Додека не сум заборавил, да ве прашам да не ви е досадно ова што ви го пишувам, кој неможе да се препознае слободно нека го изгаси во истиов момент прозорецот на компјутерот. А тие што ве интересира што е тоа Слоу Фуд ќе продолжам утре, инаку како би ве задржал што подолго, благодарам што одвоивте 4 минути и 36 секунди, поздрав засега, утре ќе продолжиме а сега пред да одам да ви препорачам нешто изедете две големо зелени јаболки а тоа е она што ќе го направам и јас.

Статија на Гочев Александар - Генерален секретар на Слоу Фуд Водно

Исхраната како фактор за здравјето



Човекот секако еднаш плаќа за здравјето,
Подобро порано со задоволство да ги потрошиме парите на зелените пазари, отколку покасно со болка во аптеките.
Здравјето сфатено како обврска, се заслужува со секојдневни напори, прислушкувајќи го сопственото тело во склад со природата. Исхраната е важна алка во овој ланец. Таа е врската човек – природа, неопходна за живот, градејки го телото, снабдувајќи го со енергија. Според тоа ние сме она што јадеме. Да се јаде е биолошка неопходност. Нашиот организам повеќе или помалку се прилагодува на она што го внесува како храна, користејќи го она што му е потребно, а исфрлувајќи го непотребното, но не секогаш во потполност.
Технолошкиот напредок, како и изобилството на храна на одредени делови на нашата планета, направија да заборавиме дека човекот долго требаше да работи за да си обезбеди опстанок, што се уште е случај за голем број жители на оваа планета.
Денес не е најважна храната, туку парите со кои се обезбедува храната.И додека на почетокот на постоењето човекот се хранел како што можел, денес исхраната е прилично гурманска со голема доза на фантазија.Така многу често се јаде погрешно и премногу
- Рафиниран шеќер
- Заситени маснотии
- Производи од животинско потекло
но,недоволно свеж зеленчук, овоштие , а уште помалку храна богата со целулозни влакана.
Индустријализацијата длабоко продре во сите облици на земјоделието и преработката на храната. Преку вештачките ѓубрива, пестицидите,конзервансите, адитивите и другите додатоци храната добива друг облик.Дали вака добиениот производ е сеуште способен да ја одигра улогата на градител, одржувач и бранител на организмот? Вистина е дека организмот се навикнува колку што може подобро на храната што му ја даваме, но поради голем недостаток на природните состојки изгубени при разните обработки,организмот е принуден да троши од сопствените резерви или да создава честопати несакани супстанци. Со други зборови да создава основа за разни болести.
Да се научиме да се грижиме самите за себе. Да не ја чекаме болеста туку да се научиме да го одржуваме своето тело.
Денешната грешка во исхраната не ја носи болеста утре. Често пати поминува долго време па тешко се воспоставува врска помеѓу причините и последиците.
По една стара индиска легенда, сите луѓе биле богови. Но, толку претерале во сопственото божество што Брама решил да им го одземе и да го сокрие на место кадешто ќе биде невозможно да го пронајдат.Каде ли го сокрил? Ниту под земја, ниту на дното од океанот каде што човекот бил подготвен да го бара. Брама го сокрил во најголемата длабочина на човековото тело, единсвено место каде што човекот нема да се сети да го бара.Од тогаш, легендата кажува, човекот ја обиколил Земјата, пребарал, преорал, прекопал,прегазил..... во потрага по нешто што го носи во себе!
Исто ова може да се каже и за здравјето. Природата има свои закони. Ако не ги почитуваме, болеста ќе се појави. Природата се згрозува од хаос и неред: треба да и се потчиниме или ќе бидеме приморани постојано да земаме лекови.Значи , бдејте над своето тело, да барате и да заслужите здравје не е обична обврска. Тоа е право богатство, права среќа. Слобода!

Автор на текстот
Стефановска Василка - конвивиум лидер

сабота, 27 август 2011

Добредојдовте на блогот на Слоу Фуд Водно

Почитувани,
добредојдовте на новиот блог на конвивиумот Водно, каде ќе имате можност да не следите во нашите активности и да ни се придружите во готвењето на револуцијата


Василка Стефановска
конвивиум лидер