четврток, 27 октомври 2011

Исхраната како фактор за здравјето



Човекот секако еднаш плаќа за здравјето,
Подобро порано со задоволство да ги потрошиме парите на зелените пазари, отколку покасно со болка во аптеките.
Здравјето сфатено како обврска, се заслужува со секојдневни напори, прислушкувајќи го сопственото тело во склад со природата. Исхраната е важна алка во овој ланец. Таа е врската човек – природа, неопходна за живот, градејки го телото, снабдувајќи го со енергија. Според тоа ние сме она што јадеме. Да се јаде е биолошка неопходност. Нашиот организам повеќе или помалку се прилагодува на она што го внесува како храна, користејќи го она што му е потребно, а исфрлувајќи го непотребното, но не секогаш во потполност.
Технолошкиот напредок, како и изобилството на храна на одредени делови на нашата планета, направија да заборавиме дека човекот долго требаше да работи за да си обезбеди опстанок, што се уште е случај за голем број жители на оваа планета.
Денес не е најважна храната, туку парите со кои се обезбедува храната.И додека на почетокот на постоењето човекот се хранел како што можел, денес исхраната е прилично гурманска со голема доза на фантазија.Така многу често се јаде погрешно и премногу
- Рафиниран шеќер
- Заситени маснотии
- Производи од животинско потекло
но,недоволно свеж зеленчук, овоштие , а уште помалку храна богата со целулозни влакана.
Индустријализацијата длабоко продре во сите облици на земјоделието и преработката на храната. Преку вештачките ѓубрива, пестицидите,конзервансите, адитивите и другите додатоци храната добива друг облик.Дали вака добиениот производ е сеуште способен да ја одигра улогата на градител, одржувач и бранител на организмот? Вистина е дека организмот се навикнува колку што може подобро на храната што му ја даваме, но поради голем недостаток на природните состојки изгубени при разните обработки,организмот е принуден да троши од сопствените резерви или да создава честопати несакани супстанци. Со други зборови да создава основа за разни болести.
Да се научиме да се грижиме самите за себе. Да не ја чекаме болеста туку да се научиме да го одржуваме своето тело.
Денешната грешка во исхраната не ја носи болеста утре. Често пати поминува долго време па тешко се воспоставува врска помеѓу причините и последиците.
По една стара индиска легенда, сите луѓе биле богови. Но, толку претерале во сопственото божество што Брама решил да им го одземе и да го сокрие на место кадешто ќе биде невозможно да го пронајдат.Каде ли го сокрил? Ниту под земја, ниту на дното од океанот каде што човекот бил подготвен да го бара. Брама го сокрил во најголемата длабочина на човековото тело, единсвено место каде што човекот нема да се сети да го бара.Од тогаш, легендата кажува, човекот ја обиколил Земјата, пребарал, преорал, прекопал,прегазил..... во потрага по нешто што го носи во себе!
Исто ова може да се каже и за здравјето. Природата има свои закони. Ако не ги почитуваме, болеста ќе се појави. Природата се згрозува од хаос и неред: треба да и се потчиниме или ќе бидеме приморани постојано да земаме лекови.Значи , бдејте над своето тело, да барате и да заслужите здравје не е обична обврска. Тоа е право богатство, права среќа. Слобода!

Автор на текстот
Стефановска Василка - конвивиум лидер

Нема коментари:

Објави коментар